Гоце е дизајнер и инженер со долгогодишно искуство.
Кариерата ја започнува како самостоен графички дизајнер. Набрзо потоа започнува со изучување на основните веб-технологии. Расте со работата на разновидни проектите за клиенти од целиот свет и паралелно завршува студиите по софтверско инженерство.
Го создава Contest Watchers.
Почнува да придонесува за голем број на организации што развиваат слободен софтвер, како што се „Mozilla“, „Canonical“, Слободен софтвер Македонија и се вклучува во локализацијата на „Firefox“ и „WordPress“ на македонски јазик. Станува претставник на „Mozilla“ во Македонија и учествува во организирањето на голем број на настани за студенти поврзани со „Firefox“, основни веб-технологии, локализација на софтвер и сл.
Пишува за познати веб-магазини како „Smashing Magazine“. Се занимава со илустрација и визуализација на податоци во форма на графикони.
Презентира на TEDxSkopje, EESTEC Code Up Level Up 3, Mobile AppCamp Macedonia, Hacktoberfest и многу други локални настани. Активен е како дел од заедницата на хаклаб КИКА.
По речиси 12 години како самостоен дизајнер и софтверски инженер се приклучува во организацијата на „Keitaro“. Како Директор за дизајн ги гради и води одделите за дизајн во „Keitaro“ и менторира голем број на помлади соработници.
Во слободното време продолжува со работа на бројни лични проекти, како што се дигитализиранта верзија на Бушава азбука и Основни училишта во Р. С. Македонија.